Скопје, |
 |
|
И З В Е Ш Т А Ј
За работата на Либералната партија на Македонија меѓу двата конгреси |
| |
1. ВОВЕД
Седмиот (Вонреден) конгрес на Либералната партија на Македонија имаше особено значење за натамошното дејствување на нашата Партија. Тоа беше одразено пред се низ кадровските промени во органите на Либералната партија на Македонија (во понатамошниот текст: Партијата), што влијаеше стабилизирачки на структурата на Партијата, нејзиното програмско дејствување и единството на нејзиното политичко нас-тапување, особено откако со вонредниот избор на новиот претседател, Републички и Надзорен одбор беше положен тестот на демократијата во внатрепартиските односи.
Стабилноста, хомогеноста и конзистентноста на Партијата исто така беа афирмирани низ доследното следење на трасираниот пат на политичкото дејствување на Партијата во рамките на нејзиниот настап во текот на двата изборни циклуси што се случија во текот меѓу двата конгреси на Партијата (редовните парламентарни и предвремените претседателски избори). Притоа, во преден план беа ставени определбите за имплементирањето на либералните приоритети следствено нашите програмски определби, но и оние произлезени од тековните политички настани во земјата: имплементацијата на уставните промени произлезени од Рамковниот договор, внатрешното консолидирање на државата, доградбата на институциите на системот врз основа на уставните промени, економското заздравување на Република Македонија, цивилното општество и евро-атлантското интегрирање на државата.
Ова е од особено значење особено доколку се има предвид дека во периодот меѓу двата конгреси, Партијата од политички субјект во владиното мнозинство премина во опозиција и дека во партиите од опозицијата, особено во тековната година, се забележливи длабоко дисонантни тонови во внатрепартиските релации.
2. ВНАТРЕШНИ ПАРТИСКИ АКТИВНОСТИ
2.1. Активности на органите на Партијата
Во рамките на внатрепартиските активности, забележителна беше улогата на Републичкиот одбор на Партијата (во понатамошниот текст: Републичкиот одбор), Извршниот комитет на Партијата (во понатамошниот текст: Извршниот комитет) и претседателот на Партијата, како и на општинските организации на Партијата и нејзините посебни облици на организирање на членовите.
Притоа, мора да се истакне дека изборот на новите органи на претходниот Конгрес на Партијата овозможи одредено стабилизирање на односите внатре и меѓу партиските органи, како и одредена нормализација на комуникацијата на релација општински организации и посебни облици на организирање на членовите - раководство на Партијата, нарушени во периодот меѓу Шестиот и Седмиот (Вонреден) конгрес.
Во таа насока, Републичкиот одбор на своите дванаесет седници и Извршниот комитет на своите триесет и три седници, под раководство на претседателот на Партијата, паралелно се посветуваа на прашањата од партиско-организационен карактер, но истовремено ги трасираа и основните рамки на политичкото дејствување на политичките претставници на Партијата во Собранието и Владата на Република Македонија, а од 2002 година овие органи дадоа оценка на работата на Владата и особено укажуваа на влошувањето на економската состојба на граѓаните, влошените економски перформанси на стопанството и влијанието на политичките партии од власта во економијата, поради што Либералната партија бараше и на овој Конгрес го промовира барањето Владата да склучи Договор со Меѓународниот монетарен фонд наместо станд-бѕ аранжман и да се формира институционална форма на поддршката на спроведувањето на економско-финансиските реформи во Република Македонија (Валутен борд). Но, органите на Партијата не покажаа потребна решителност да преземат одредени мерки против своите членови кои не ги исполниле своите преземени обврски по нивното поставување на одредени функции, како и решителност за енергична реакција кај коалициониот партнер за непочитувањето на меѓусебниот договор за коалицирање.
Секако, недвосмислен факт е дека Партијата беше дел од политичкото милје што се судираше со најдраматичните случувања од осамостојувањето на Република Македонија. Имено, политичко-безбедносната криза во текот на 2001 година беше непрестан притисок врз дејствувањето како на државните институции, така и на политичките субјекти, а ваквите отежнувачки фактори се заканија да влијаат врз дејствувањето на органите на Партијата и на нејзините претставници во законодавната и во извршната власт.
Во таа насока, овој Извештај констатира дека органите на Партијата и нејзините претставници во законодавната и извршната власт беа доследни на определбите на Партијата дефинирани во нејзината Програмска декларација и “Визијата за Македонија” како нејзин прилог, а активностите на пратениците и министрите од Партијата беа доследно дефинирани и координирани согласно насоките утврдувани низ политичките расправи и заседанија на органите на Партијата.
Она што особено е значајно за дејствувањето особено на Републичкиот одбор, Извршниот комитет и претседателот на Партијата во наведениот период е дека и во такви услови органите на Партијата посветија значителен дел од своите активности и внимание на организационата поставеност и динамика на работата на општинските организации, проблемите од таа област и патиштата за нивното разрешување. Особен напредок во насока на следењето и насочувањето на активностите на општинските организации треба да биде констатиран во конечното функционално поставување на регионалното координирање на општинските организации и позитивната улога на координаторите во комуникацијата на Седиштето со општинските организации и обратно за подготовка и спроведување на активностите, а започнатата пракса на регионални средби треба да биде интензивирана, за што особено погодуваат предложените статутарни измени.
Треба да се напомене дека Надзорниот одбор на Партијата исто така во целост беше вклучен во активностите на Партијата и низ неговите седници ја следеше работата на партиските органи, но исто така зема и активно учество во трасирањето на активностите на самите партиски органи низ учеството на неговите членови на седниците на Извршниот комитет и Републичкиот одбор.2.2. Активности на општинските организации
Овој Извештај сепак мора да констатира и дека отежнатите услови на политичкото дејствување како во периодот додека Партијата беше дел од извршната власт, така и од нејзиното опозиционо дејствување од септември 2002 година објективно имаа влијание врз намалувањето на интензитетот на активностите на општинските организации. Овде пред се се мисли на неможноста вниманието да биде фокусирано на организационо-техничките прашања на Партијата, во смисла на поддршка и посериозен третман на проблемите што се јавуваа(т) во секојдневното работење на општинските организации, а особено мора да бидат истакнати и ограничувачките финансиски можности со кои Партијата се соочи и сеуште се соочува. Имено, загрижувачки лошите економски состојби во македонското стопанство претставуваа(т) се потешко надминлива пречка за граѓаните и стопанските субјекти во желбата за финансиската поддршка на активностите на Партијата, а тоа недвосмислено оневозможи да бидат организирани бројни активности, па дури да бидат подмирени и некои основни и тековни финансиски потреби. Дополнителен проблем претставува несоодветното просторно сместување на Партијата, нејзините општински организации и посебни облици на организирање на членовите и еден од основните приоритети што ги констатира овој документ е итното решавање на овие финансиски и просторни проблеми, како и фактот што во одредени општински организации поединци не ги почитуваа одлуките на Републичкиот одбор како највисок орган меѓу два конгреси.
Притоа, треба да биде констатирано дека и покрај се, активностите во значителниот дел општински организации воглавно се спроведуваа во рамките на зададени цели и очекувања. Секако, имајќи ги предвид горенаведените ограничувања, може да се заклучи и дека дел од општинските организации манифестираа тенденции на замирање, а недоволното организационо-техничко менаџирање на ваквите состојби може да претставува една од основните причини за таквите состојби.
Овој Извештај исто така констатира дека е забележлива тенденцијата за подобрување на комуникацијата меѓу општинските организации и партиското раководство, пред се низ поголемото учеството на претставниците на општинските организации во креирањето и спроведувањето на кадровската политика и активностите на Партијата на сите нејзини нивоа, но мора да бидат нагласени потребите од почесто присуство на републичките партиски органи на теренот, поголема (логистичка) поддршка и стимулација на активностите на општинските организации во директната комуникација со граѓаните и побрзата (административна) комуникација на релација Седиште - општински организации и обратно. Сепак, раководството и пратениците, со исклучок на претседателот на Партијата, е слабо присутно во општинските организации. Исто така, потребна е поголема транспарентност на кадровската политика на републичките органи. Во таа насока, потребно е да се констатира и надминувањето на досега манифестираното запоставување на партиските кадри со место на живеење надвор од главниот град во извршната власт, но дека и понатаму има простор за унапредување на ваквиот тренд. За издвојување се и особено значајните напори и резултати остварени во текот на двата изборни циклуси 2002 и 2004 година, во кои општинските организации, а особено оние во источниот и југоисточниот дел од земјата, заедно со соодветните организации на коалициониот партнер, остварија респектабилни изборни резултати, при што работењето на општинските организации во изборната кампања 2002 година беше сумирано во соодветниот Извештај усвоен од страна на Републичкиот одбор на Партијата.
Конечно, со овој Извештај Конгресот на Партијата констатира дека се потребни брзи и временски детерминирани активности во насока на ревитализација на општинските организации, како и нивно територијално реорганизирање во насока на следењето на претстојната територијална поделба на Републиката и што поуспешен настап на претстојните локални избори оваа година.
Притоа, треба да се заклучи дека Либералната партија се соочува со организациски проблеми. Затоа, преку бројни и континуирани активности Либералната партија на Македонија треба да обезбеди приближување на основните идеи на либерализмот до луѓето, на начини применети во современите политички партии (трибини, средби со граѓаните и слично), паралелно со навремено информирање на јавноста за своите активности и ставови.2.3. Посебни облици на организирање на членовите
Кај посебните облици на организирање на членовите исто така се забележливи позитивни трендови во развојот на нивното дејствување, иако со овој Извештај мора да бидат констатиран фактот дека активностите на посебните облици на организирање на членовите воглавно беа подредени на предизборните активности на теренот и дека финансиите како ограничувачки фактор беа основен хендикеп на нивното работење и развој.
Притоа, Либералната унија на млади на Македонија со своите членови по општинските организации даде значителен придонес во логистичката поддршка на теренските активности, пред се во текот на изборите 2002 година, но треба да се констатира и фактот дека нејзините активности и улога бележат помало темпо особено од почетокот на оваа година, кон што придонес има генералното намалување на обемот на активностите на Партијата во целост, а особено ограничените финансии. Притоа, во текот на 2003 година ЛУМ оствари соработка со поголем број невладини организации, во насока на политичка едукација на нејзините членови, а од 2004 година Унијата преку свои претставници учествува и во изготвувањето на Националната младинска стратегија во соработка со други политички младински организации и државни органи, како и во Форумот за соработка (млади политичари) од Велика Британија и земјите од Југоисточна Европа.
Претходната констатација за финансиските лимити се однесува и на активностите на Унијата на жените на Партијата, која беше особено активна во текот на 2002 година и беше еден од генераторите на процесот на поттикнување на рамноправната полова застапеност во законските решенија кои ја детерминираат застапеноста на жените во претставничките тела во државата и единиците на локалната самоуправа. Треба да се напомене дека во периодот 2003 и почеток на 2004 година ЛИПАЖ активно соработуваше со голем број женски невладини организации, при што значителен број жени од ЛП учествуваа на семинарите за политичко јакнење на жените од политичките партии. За одбележување е и зачленувањето на ЛИПАЖ во Европската мрежа на организациите на жените од либералните партии.
Во доменот на оценката на работата, пак, на Либералната академија мора да биде констатирано дека работата на Академијата беше замрена во целост и дека на тој начин беше запоставен придонесот на значајни интелектуалци кои можеше и требаше да бидат “мозокот” на идеолошкото и програмското профилирање на Партијата.
Севкупна оценка за посебните облици на организирање е дека во претстојниот период Партијата мора да посвети дополнително внимание пред се на кадровското и финансиското засилување на истите, со цел промовирање на “свежи” и квалитетни кадри во сопствените редови на локално и национално ниво и поголем степен на нивните активности. Еден од основните чекори во тој правец се и предложените статутарни измени во насока на утврдување минимална застапеност на категориите жени и млади во Статутот.2.4. Информирање
Партијата манифестираше видлив исчекор во сегментите на своето работење во доменот на информирањето. За прв пат од своето постоење Партијата се обиде да формира сегмент на својата структура посветен на информирањето (интерно и екстерно), низ изборот на портпарол и низ административните одлуки за формирање Сектор за односи со јавноста и воспоставување на партискиот Интерен информатор, како сублимат на одлуките на органите и ПРЕС-конференциите на Партијата. Така, основните релации со медиумите во 2002 и 2003 година беа водени токму преку портпаролот, додека тековните политички активности го поместија тежиштето на односите со јавноста пред се во доменот на партиското раководство и Пратеничката група.
Притоа, дваесет и четирите ПРЕС-конференции во текот на пред и постизборниот период (2002 и 2003 година) на партискиот портпарол и шесте ПРЕС-конференции на претседателот на Партијата во текот на оваа година (до моментот на подготовката на овој документ) беа дел од јавните настапи на партиските претставници во насока на промоцијата на ставовите и активностите во јавноста (без притоа да се земаат предвид јавните настапи во форма на изјави и интервјуа на печатените и електронските медиуми со локална или национална концесија).
Оттука, сумирајќи ги активностите на Партијата во доменот на информирањето, со овој Извештај се констатира дека во изминатиот период е поставена солидна основа за развојот на информирањето како сегмент на партиското работење, во кој треба да се цели на развој на интерното информирање (интензивирање на издавањето на Интерниот билтен), професионализирање на комуницирањето со медиумите (кадровско пополнување на Секторот за односи со јавноста и негово професионализирање) и создавање просторни, материјални, и технички можности внатре партиското седиште за рабо-тење во оваа област, како и почеток на идеолошко-информативна издавачка активност.
3. ПРЕТСТАВНИЦИ НА ПАРТИЈАТА ВО ЗАКОНОДАВНАТА И ИЗВРШНАТА ВЛАСТ
3.1. Претставници на Партијата во законодавната власт
Од своето обновување до денес Партијата е застапена во македонскиот законодавен дом - Собранието. Притоа, улогата на Партијата во претходниот пратенички состав беше помала од онаа што денес ја има, согласно застапеноста со три пратеници од над шеесетте пратеници на тогашното парламентарно мнозинство. Притоа од особено значење беше “истурената позиција” на претседателот на Партијата, кој во тоа време, од позиција претседател на Собранието беше директен учесник во решавањето на најпроблематичните состојби во поновата македонска историја. Оттука, со овој Извештај Конгресот на Партијата им оддава особено признание на своите пратеници во периодот до 2002 г., кои со својот настап и промовирањето на либералните политички позиции дадоа придонес во дефинирањето на уставните амандмани и нивното усвојување како резултат на Рамковниот договор и на тој начин истовремено го помогнаа запирањето на безбедносната криза во државата и нејзината одбрана, но и одбраната на темелните вредности на кои е засновано македонското општество, конститутивната позиција на македонскиот народ, мирот и сожителството меѓу граѓаните на Република Македонија. Исто така, органите на Либералната партија укажаа на тоа дека нема Рамковен договор без економски развој и дека Рамковниот договор како “досие”, нормативните акти на Собранието и Владата по ова прашање, треба да се “затворат” до ноември 2004 година, за потоа да се имплементираат законските и подзаконските акти што произлегуваат од него, за да нема континуирани “предоговарања” по него како пречка во стабилноста на Република Македонија. Истовремено, пратениците од Партијата до 2002 година беа дел од парламентарното мнозинство што застана зад крупните реформски чекори кои ги презеде тогашната Влада и на тој начин ја реафирмираше еволутивната и реформската определба на Партијата.
Резултатите од Изборите 2002 година го зголемија бројот на пратеници на Партијата, но истовремено ја исцртаа новата политичка карта во Македонија и Партијата стана дел од парламентарната опозиција. Оттука и денес Партијата со своите пет пратеници дејствува како дел од корективот (опозицијата) на парламентарното мнозинство и со своите настапи и активности покренува законски решенија со кои се иницира решавањето на тековните политички и економски проблеми во земјата во насока на продолжување со реформите во доменот на економијата, но и дефинирање и имплементација на принципите во разни сфери на животот во државата и општеството, од македонската надворешна политика до синдикалното организирање.
Притоа, со овој Извештај се констатира и напредокот постигнат во комуникацијата на пратениците од Партијата со раководствата на национално и локално ниво и се понепосредната трансмисија на ставовите и интересите на граѓаните, особено преку институтот “пратенички прашања”, како и преку предлагањето и поддршката на веќе предложени законски решенија од групи граѓани, невладини организации и интересни групи.3.2. Претставници на Партијата во извршната власт
Во периодот 2000 - 2002 година Партијата беше застапена во извршната власт со три министри (од кои еден потпретседател на Владата) и двајца заменици на министри, еден директор на јавно претпријатие (“Македонски железници”), една управа (за цивилна воздушна пловидба) и еден фонд (за пензиско и инвалидско осигурување), како и повеќе помошници и заменици на директори на државни установи и органи. Притоа, Партијата низ овој Извештај, како и низ соодветните документи донесени во текот на заседанијата на Републичкиот одбор, констатира дека со учеството на овие претставници во извршната власт, Партијата го помогна остварувањето на значајни реформи во сите сфери каде нејзините кадри го димензионираа работењето и кадровските ресурси во спроведувањето на активностите на овие органи на управата и јавната администрација.
Така, неоспорните успеси во спроведувањето на почетните чекори на македонското интегрирање во Европската Унија се одвиваше под раководството на нашиот Заменик на претседателот на Владата задолжен во европски интеграции и во тие рамки е потпишан Договорот за стабилизација и асоцира-ње на Републиката во Европската Унија, нормализацијата на односите со НР Кина и со значајните партнери во доменот на меѓународната политика на државата воопшто се одвиваа во периодот на раководењето на Министерството за надворешни работи од либералното кадровско решение, исто како што значајните реформи во одбранбениот сектор беа спроведувани под раководство на наш учесник во Владата. Секако, Партијата покажа дека нејзините кадри успешно се носат со должностите и одговорностите и во другите органи на управата, органи во нивниот состав, јавни претпријатија и сл. Зафатите во опоравувањето на “Македонски железници”, регулирањето на односите и безбедноста во авио-сообраќајот и зачленувањето на Управата за цивилна воздушна пловидба во ИЦАО, почетокот на реформите во пензискиот фонд и поставувањето на основите на вториот и третиот пензиски фонд во соработка со Светската банка во пензиското и инвалидското осигурување се резултат на раководните капацитети на нашите кадровски решенија, исто како што придонесот на Партијата остави траен белег во нашето општествено живеење на национално, но и на локално ниво.
Притоа мора да биде констатирано дека недовршувањето на процесот на пополнување на местата во администрацијата беше белег на партиципирањето на Партијата во извршната власт, а причините за тоа се лоцирани во нецелосното спроведување на меѓупартиските договори со коалиционите партнери, особено во локалните средини. Сепак, учеството на Партијата во извршната власт покажа дека можеме успешно да одговориме на барањата на модерното управување со органите на управата (на државно и локално ниво) и дека придонесот на нашите претставници е позитивно оценет како од партиската структура, така и од останатите политички субјекти и партнерите во земјата и странство. Сепак, како што е констатирано во Анализата за учеството во власта, остана необјасниво однесувањето на одредени членови на Либералната партија на Македонија кои беа поставени на високи државни функции, а не воспоставија задоволителни односи со членството или нивната соработка ја насочија кон поединци, што предизвика незадоволство кај членството.
4. ИЗБОРНИ НАСТАПИ НА ПАРТИЈАТА ВО ПЕРИОДОТ МЕЃУ ДВАТА КОНГРЕСИ
Во периодот меѓу двата конгреси Партијата настапи на два изборни циклуси и тоа во коалиција со ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ). Притоа, коалициониот настап е резултат на блискостите на двете партии по прашањето на реформските чекори кои државата треба да ги презема во насока на нејзино целосно интегрирање во модерните текови и интегративни структури во областа на економијата, одбраната и надворешната политика во Европа, како и на позитивните оценки за севкупното заедничко практикување на извршната власт до 2002 г., но и согласно претходните коалициони искуства, особено на локално ниво. Тоа беше и основниот мотив за влегувањето и за утврдувањето на предизборната коалиција на изборите 2002 г. и следствено на тоа и на овогодинешните претседателски избори.
Притоа, мора да се апострофира фактот дека коалиционото искуство со ВМРО-ДПМНЕ, споредбено со она во претходниот период укажа на тоа дека Партијата постигна концептуален консензус околу државните приоритети, но дека во имплементацијата на политичкиот договор со коалициониот партнер, а особено во имплементирањето на кадровската политика остана чекор назад, во смисла на неисполнувањето на дел од кадровските договори и дека ваквото искуство мора да биде искористено за претстојните изборни и постизборни циклуси како патоказ за неповторување на истото. Исто така, може да се констатира дека партнерството со ВМРО-ДПМНЕ во извршната власт овозможи поуспешна имплементација на партиските програмски определби и дека во таа насока Партијата најде соодветен програмски партнер со кој може да ја практикува извршната власт во насока на добробитта на македонските граѓани, но односот на коалициониот партнер (до 2002 година) не беше на потребното ниво и требаше да биде дефиниран со Договор, Пратформа и правила за однесување, што сепак е наша слабост.
Конечно, Партијата успеа да ги постави основите и на натамошното ширење на соработката со други субјекти од политичкиот центар и во таа насока во текот на месец април оваа година беше потпи-шан Протокол за соработка со Партијата на зелените, кој ги уредува поблиските односи меѓу двете партии и претставува основа за успешна политичка соработка и настап на изборите во претстојниот период.
4.1. Парламентарни избори
Основните причини за слабиот резултат 2002 година Партијата ги бара во политичко-безбедносната криза од 2001 година, слабите релации со јавноста на нашиот политички партнер и манифестираните слабости на поединци во неговите редови, што севкупно значително влијаеше на рејтингот на коалицијата и заедно со притисокот од диригираните поединци и групи од невладиниот сектор создаде негативно расположение пред се кон ВМРО-ДПМНЕ, Демократската партија на Албанците (ДПА), а со тоа и кон владината коалиција во целост, вклучително нашата Партија. Оттука, изборните резултати на партиите од тогашното парламентарно мнозинство во 2002 година следствено го покажаа негативниот став гласачите кон овие три партии и тие преминаа во парламентарна опозиција.
Ваквите резултати на Партијата и донесоа пет пратеници, по еден пратеник од секој изборен регион со исклучок на шестиот, што во однос на претходните резултати претставува стопроцентно зголемување, но сепак реално претставува резултат кој треба да биде зголемен, особено во претстојниот пе-риод на опозиционо дејствување, кој по дефиниција овозможува поголема трансмисија на ставовите на граѓаните и поголема поддршка од нив низ критичкиот пристап кон негативните потези на власта.
Секако, реалниот пристап кон оваа проблематика истовремено ќе покаже дека со резултатите на изборите 2002 година Партијата во исто време треба да биде донекаде задоволна, затоа што покрај статистичкиот пораст на нејзините претставници во Собранието, постигнати се и следните ефекти: Партијата, покрај нејзиниот антипод во власта, претставува единствена (опозициона) партија на политичкиот центар со своја пратеничка група во Собранието и воопшто со свои пратеници; одржан е интересот на јавноста за нејзините определби и ставови, особено со настапите на пратениците од соб-раниската говорница; Партијата, во услови на сериозна криза на коалициониот партнер, успева да ги задржи релациите со ВМРО-ДПМНЕ и во така специфични околности се трансформира во еден од носителите на опозиционите активности во Собранието на Република Македонија, но и пошироко во јавноста и Партијата успеа да одолее на тенденциите на мајоризацијата на масовните партии “извлекувајќи се од сенката” што во модерната политичка историја ја доживуваат помалите партии од страна на нивните коалициони партнери, не преживувајќи го своето програмско и кадровско осипување и обезличување.
Оттука, сумирајќи ги изборните резултати од 2002 година, овој Извештај констатира дека со ваквото позиционирање на Партијата неполни три години од обновувањето, постигнат е значаен резултат што е основа за натамошен раст (на поддршката) на Партијата и нејзино натамошно јакнење.
4.2. Претседателски избори
Трагичното погибје на претседателот на државата - Б.Трајковски и предвремениот тајминг на Претседателските избори делуваа изненадувачки за целокупната јавност, но и за политичките партии воопшто. Во такви вонредни околности Партијата не беше во позиција да истакне сопствен кандидат, а веќе очигледните разлики во рамките на раководството на коалициониот партнер не овозможија координирање на ставовите и активностите во насока на истакнување заеднички кандидат од нашата Партија. Оттука, согласно политичкиот став на раководните органи на Партијата за приоритет на коалициониот партнер во истакнувањето на кандидат за претседател на државата, како поголема по-литичка структура, Републичкиот одбор на Партијата одлучи да го поддржи кандидатот за претседател на Републиката истакнат од ВМРО-ДПМНЕ, при што Партијата ги стави на располагање своите ресурси и капацитети за помагање на изборниот процес согласно потребите на изборните штабови на претседателскиот кандидат на локално и национално ниво.
Притоа, неодминлив е впечатокот дека разликите во пристапот кон понудената помош постоеја од една до друга локална средина и во самиот централен штаб на претседателскиот кандидат, но единствен е впечатокот дека таму каде беше побарана асистенцијата од нашите општински организации и активистите во нив, истата беше несебично пружена, така што улогата на Партијата во освоените гласови на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ е значајна и овозможи развој на партнерските односи меѓу локалните раководства на двете партии, но и за унапредувањето на методите и техниките на пристапот на нашите активисти кон гласачите воопшто.
5. ЗАКЛУЧОЦИ
Конгресот на Партијата, со усвојувањето на овој Извештај, ги прифаќа и поддржува активностите на Партијата во изминатиот период, констатирајќи ги позитивните и негативните аспекти на активностите на Партијата на локално и национално ниво.
Притоа, оценувајќи ја работата на органите на Партијата, Конгресот заклучува дека истите воспоставија солидно темпо на работење и одлучување и дека ваквите тенденции треба да продолжат во претстојниот период, како основа за развојот на комуникацијата на членовите и органите на Партијата по хоризонтала и вертикала, се со цел натамошно зголемување на комуникацијата во Партијата и на Партијата со симпатизерите и политичката јавност воопшто.
Сублимирајќи ги активностите на општинските организации и посебните облици на организирање на членовите, Конгресот на Партијата истакнува задоволство од нивните активности во изминатиот период, како почетен период од нивното етаблирање и истовремено укажува на потребата од нивно што поголемо вклучување во тековните партиски активности и што поголем непосреден настап во јавноста, особено преку свои сопствени предлози, иницијативи и активности.
Констатирајќи ги изборните резултати во поглед на изборните циклуси 2002 и 2004 година, Конгресот на Партијата изразува поддршка на постигнатите изборни резултати и истите ги смета за солидна почетна основа за генерирање на поширока политичка поддршка на Партијата од страна на симпатизерите и гласачите воопшто пред се на либералните политички ставови и идеи.
Согледувајќи ги последиците од недостатокот на материјално-финансиски средства, Конгресот на Партијата го задолжува Републичкиот одбор на Партијата, конкретно преку Извршниот комитет, да предвиди мерки и активности во насока на подобрување на материјално-финансиската состојба, која очигледно се појавува како една од главните пречки во натамошното унапредување на активностите на Партијата во целост и секако на нејзините општински организации, посебни облици на организирање на членовите, па и на нејзиниот техничко-административен и оперативно-политички апарат. |
| |
| |
|