1.
ЛП со жалење ја споделува загриженоста за оценката во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на РМ 2011, според која „медиумите и понатаму се предмет на влијание на економски и политички интереси во дeлот за економските текови во земјата минатата година“.
Извештајот (дополнително) ја потенцира сериозноста на состојбата во медиумите со констатацијата дека „заплашувањето на новинарите и селективното
спроведување на законите против медиумските компании ги зголемуваат причините за загриженост“.
Оттука, ЛП констатира дека состојбата во медиумите бара итна акција.
2.
A) Според ЛП, нема слобода на медиумите без економска слобода.
ЛП цени дека владините реклами во медиумите се директна закана за клиентелистичка зависност на медиумите од политиката, односно Владата.
Клиентелизмот во медиумите го задушува медиумскиот простор.
Тој на среден и долг рок се заканува да ги онеспособи медиумите:
- Непристрасно да информираат и да ја оценуваат работата и политиките на власта и на политичките партии;
- Нормално да ја остваруваат својата општествена функција и
- Да егзистираат економски одржливо.
Затоа, ЛП во Собранието да предложи регулатива со која ќе се уредат условите, начините и обемот на огласување на извршната власт преку буџетски средства.
Уредувањето на ова прашање ќе овозможи еднакви можности на економските субјекти на медиумскиот пазар, наместо фаворизирање на одредени провладини медиуми.
Б) Исто така, со уредувањето на ова прашање треба да се овозможи јавниот радиодифузен сервис (МРТВ) да се ослободи од обврската за бесплатно емитување на владините кампањи, што ќе ја ослободи МРТВ од улогата на „жолта книга“ на било која владејачка партија и ќе овозможи можност за професионален избор на нејзиниот менаџмент и уредништво.
3.
Во однос на „дијалогот“ меѓу Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Владата, ЛП тргнува од позицијата дека медиумите се дел од општествениот надзор над извршната власт и оттука ЛП сериозно се сомнева во неговата продуктивност.
Притоа, според ЛП:
- Состојбата во медиумите и нивната економска зависност од владиното
рекламирање условуваат Владата да е неприкосновена и доминантна во
„дијалогот“;
- Нерамноправната позиција во „дијалогот“ произведува одолговлекување на сите можни позитивни решенија околу унапредувањето на условите на работата на новинарите во рамките на системот;
- Опозицијата мора да покаже доволно разбирање за состојбата и општествена одговорност низ поддршката на заложбите на новинарите, особено во делот на декриминализацијата на клеветата и навредата и
- Потребен е активен дијалог на парламентарните партии за прекршочно регулирање на институтот „клевета“ односно „навреда“.
Затоа, ЛП треба да го стимулира овој процес и во Собранието да предложи
регулатива со која ќе се уреди декриминализацијата на клеветата и навредата.
Во спроведувањето на оваа иницијатива, да се бара што поширок политички консензус по ова прашање. Притоа, да се побара од власта подготовка
на регулатива што ќе ги уреди прекршочните постапки по прашањето на
клеветата и навредата, кои нема да го загрозат економското дејствување на
медиумите и егзистенцијата на новинарите.
4.
Со своите изјави и постапки, ЛП не треба да се постави како пречка на „дијалогот“, туку со своите предлози да стимулира развој на решенија и динамика на нивно донесување и спроведување.
Со овие Заклучоци, ЛП се става во функција на развојот на слободата на медиумите и ја штити слободата на изразувањето како една од темелните вредности на либералните принципи.
ЛП ги смета за добродојдени сите иницијативи и постапки на цивилниот сектор и институциите со кои ќе се поддржат активностите предвидени во овие Заклучоци. Соработката со ЗНМ, Синдикатот на новинарите, како и сите домашни и европски субјекти од политичкиот и цивилниот сектор се неопходни во градењето на ставовите и предлозите на ЛП.
За таа цел, се охрабруваат Извршниот комитет и претседателот на ЛП да организира и учествува на средби на кои ќе се разменуваат искуства и ќе се разгледуваат решенијата.
5.
ЛП смета дека нема потреба од донесување дополнителен „Закон за медиуми“.
6.
Заклучоците да се достават до медиумите, ЗНМ и Синдикатот на новинарите.
7.
Заклучоците да се објават во „Интерен Информативен Билтен на ЛП“, на веб-страната на ЛП и на нејзините социјални профили.
РЕПУБЛИЧКИ ОДБОР НА ЛП




